Минатото лето, Џовани Гонсалес ја напушти егзотичната Мајорка и реши шпанскиот фудбал да го замени со настап во првенството на Русија.
Секако, на сите во прв план им паѓа војната со Украина, па Уругваецот веднаш беше запрашан за тоа какви се последиците.
„Луѓето живеат мирно, од она што го гледате на улиците, не се приметува дека има војна. Ретко кој и да збори за тоа“ – вели Џовани Гонсалес во разговор со Марка.
„Како клуб, ние сме погодени на два начини. Првиот е тоа што УЕФА не ни дозволува да играме во Европа, па сега, Краснодар како шампион на Русија нема да игра во Лигата на шампиони“.
„Второ, затворен е аеродромот во нашиот град. Па кога одиме на гостување, патуваме со автобус едно пет часа до следниот аеродром и потоа летаме со авион. Кога ќе пристигнеме во другиот град, прилично сме уморни. Во моментов нема план за отворање на аеродромот, би било одлично доколку го отворат бидејќи ќе ни заштеди многу време“.
Втора работа која им паѓа на памет на луѓето е дека во Русија е многу ладно, особено што тој живееше на Мајорка.
„Има многу разлики, најмногу се културни. Не можам да кажам дека тоа е добро или лошо, едноставно секоја земја си има свои уникатни карактеристики“.
„Но климата е слична на Андалузија, ладно е таму на север, тука за некој месец ќе има 40 степени, потопло е и од Мајорка“.
„Кога пристигнав во Краснодар во август 2024, сите ме прашуваа дали е ладно во Русија. На еден пријател од Уругвај, кој живее во Мајорка, морав да му објаснувам како тука е потоплo отколку на Мајорка, а тој не можеше да поверува“.
„Знае да биде ладно, но не како во Москва. Можно е да падне температурата под нула и да завее снег, но тоа ќе трае неколку дена и не е толку страшно, се навикнувате“.
ФОТО: X/FCKrasnodar