Во дербито на дебитантите во прволигашкото друштво противниците одиграа одличен натпревар, интересен, неизвесен, со убави поени и тактичко надмудрување.
Газели Волеј имаше старт од 0:4, но Пелистер Волеј успеја брзо да се консолидира, а како пресудна за водството на домашните се покажа серијата од 6-1 (15:10) во средината на сетот, како и големиот број технички грешки на противникот кои им одеа во прилог.
Скопскиот состав ја смири играта во полето во вториот сет и тоа и донесе подобра организација на нападот, со што изедначи на 1:1.
Следните два сета беа рамноправни и ги одлучуваа детали, односно моменталната концентрација и инспирација, а најмногу дисциплината во игра, што само ја најави тај-брејк разврската.
Во решавачкиот сет домаќинот влезе фуриозно со 7:1, односно 8:2 на промена на страните и потоа мирно дојде до победа од 15:8, или вкупно трета во првенството.
Шај Мекги со 22 поени беше најефикасната во редовите на Пелистер Волеј, додека Симона Стојановска имаше 8 поени.
Кај Газели Волеј, Теа Терзиевска постигна 22, следена од Мила Дикова со 14 поени.






