Тотнем си ја спаси сезоната и ја продолжи мизеријата на Манчестер јунајтед, вечерва „спарси“ со 1-0 триумфираа во Билбао во финалето на Лига Европа.
Одлучувачкиот момент се случи во финишот на првиот дел, Сар нафрли една топка, Бренан Џонсон одлично се снајде на поблиската статива и со помош на Лук Шо ја затресе мрежата за водство на „спарси“.
Манчестер јунајтед се обиде да се врати во игра во второто полувреме, Ван де Вен од гол линијата го расчисти ударот на Хојлун, додека пак Викарио со одлична интервенција го одбрани ударот на Гарначо.
Брнуно Фернандеш никако не успеваше да се наметне, експертот за финалиња, Касемиро го немаше никаде, па „ѓаволите“ мораа да се помират со нов пораз.
Тотнем покрај тоа што се радува на првиот трофеј по 17 години, и прво славје во Европа по 1984 година, триумфот во Билбао им носи и настап во Лигата на шампион, кој може да вреди стотина милиони евра.