Во пресрет на турнирот своите очекувања ги сподели единствениот интернационалец на списокот на Кирил Лазаров, Мартин Томовски. Македонскиот голман кој брани за германски Битигхајм е оптимист во борбата за втора фаза.
„Ќе биде огромен предизвик да се игра против Данска, особено бидејќи е еден од домаќините. Тие се број еден во последните години. Можеме да уживаме натпреварувајќи се, но со надеж дека ќе ја израдуваме нацијата. Во последните години македонската лига се подобри. Имаме многу играчи кои играат во Лигата на шампионите со Еурофарм Пелистер, како и во минатото што беше случајот со Вардар за кој бранев и јас. Сето тоа може да ни помогне во националниот тим, надополнето со искуството на Лазаров како играч и тренер. Сакаме да уживаме во турнирот и да достигнеме некаков успех, тоа би било втора фаза. Сепак, одиме чекор по чекор, натпревар по натпревар и со надеж за најдоброто“, изјави Томовски.
Македонија го отвора Европското првенство со натпреварот против Данска, а потоа ќе игра со Португалија и Романија.
Првиот меч е на програмата в петок во терминот од 20:30 часот.






