Томовски не беше дел од пријателскиот натпревар против Хрватска, но сега е во стројот и ќе биде дел од подготвителниот турнир во Швајцарија по кој Македонија ќе летне кон Данска каде ќе го игра Европското првенство.
„Добро се познаваме, иако има некои новитети. Долги години сум во репрезентацијата, имаме одлична атмосфера. Имав мала поштеда, добро ми дојде, се приклучив во новата година, здрав и со големи амбиции и мотивација. Според мене, многу е подобро времето да го користиме на пријателски натпревари, бидејќи таму може да видиме вистински што правиме добро, а што грешиме. Тоа ќе биде одлична увертира за нас и селекторот да видиме до каде сме. Се надевам на добар подготвителен турнир во Швајцарија, со желба да останеме здрави и тоа искуство да го пренесеме на ЕП. Данска е апсолутен фаворит, Португалија е селекција во подем, тука е и Романија која е зрел и искусен тим, иако е подмладен. Секој натпревар ќе биде од посебен карактер, ама нашата цел е да дадеме максимум и да се надеваме на позитивен резултат“, изјави Томовски.
Македонските ракометари во овој период тренираат во Скопје, во среда патуваат во Швајцарија на подготвителен турнир каде што покрај ние и домаќинот, ќе учествуваат и селекциите на Бахреин и Украина. Потоа директно се патува во Хернинг, Данска, каде ќе ги играме натпреварите од Европското првенство.






