вторник, 6 мај 2025

Сребрената Европска лига и евро-квалификациите во фокусот на женскиот национален тим

Женскиот одбојкарски сениорски национален тим на Македонија летово го очекуваат настапите во Сребрената Европска лига 2025, како и реванш натпреварите со Грција и Австрија од квалификациите за Европското првенство 2026 година.

Објавено на

часот

Сподели

Селекторот Стефан Пауновиќ првиот собир на дамите го закажа за 15 мај во хотел „Горан Пандев“ во Струмица кога ќе стартуваат подготовките за Сребрената Европска лига. Ова ќе биде втор пат во историјата женската селекција да е дел од ова натпреварување. Поради кусиот период за подготовка во пресрет на стартот на годинешното издание, репрезентацијата нема да одигра пријателски натпревари.

Македонија е домаќин на еден од првите турнири, односно од 30 мај до 1 јуни во салата „Парк“ во Струмица ќе ги пречека Луксембург и Швајцарија. Во вториот викенд нашата репрезентација ќе игра на Фарски Острови (6-8 јуни) против домаќинот и Австрија. Интересно е дека дамите ќе бидат условно кажано гости на третиот турнир, кој од 13 до 15 јуни ќе се игра во Струмица, а каде Израел ќе биде домаќин. Поради воено-политичките околности во кои се наоѓа Израел, оваа земја треба да биде организатор турнир на неутрален терен, а Одбојкарската федерација на Македонија прифати да даде логистичка поддршка. Трет учесник на овој турнир е селекцијата на Грузија.

По завршувањето на настапот во Сребрената Европска лига репрезентативките ќе имаат едномесечна пауза пред одново да се стават на располагање на националниот тим. На 20 јули во Маврово ќе започне темпирањето на формата за реванш натпреварите со Грција и Австрија за ЕвроВолеј 2026.

Дамите една седмица ќе бидат на подготовки во Маврово, а во фаза на преговори се потенцијални пријателски натпревари како финална контрола во пресрет на евро-квалификациските дуели.

Македонија е домаќин на првиот натпревар со Грција, кој ќе се игра на 3 август во салата „Борис Трајковски“ во Скопје. Евро-квалификациите дамите ги затвораат на гостински терен, во градот Хартберг, каде на 9 август играат со Австрија. По двата порази во првите меѓусебни натпревари со овие селекции, Македонија е без шанси за пласман на ЕП 2026.

Одбојкарската федерација на Македонија изминативе години посветено работи на развојот на женската одбојка, а од поставувањето на здрава основа се очекуваат резултати во иднина, што го потенцира и селекторот Стефан Пауновиќ.

„Чест и задоволство е што нашата заедничка приказна и мојата работа во женскиот национален тим на Македонија продолжува. Целта е да создадеме респектабилна репрезентација и да го достигнеме успехот на машката селекција. Со Федерацијата активно работиме на реализирање на плановите за во иднина и моја лична амбиција е со Македонија да бидам учесник на Европското првенство во 2028 година“, потенцира селекторот Пауновиќ.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ