Домаќинот самоуверено го отвори натпреварот и го контролираше резултатот во првите два сета, па заслужено стигна до водство од 2:0 во сетови, но струмичани не се предадоа.
Во следните два сета гостите комплетно се вратија во игра, предводени од 18-годишниот Јован Милев, со поддршка од репрезентативниот тандем Кристијан Илијев – Владо Милев, и изедначија на 2:2 во сетови.
Во тај-брејкот влегоа фуриозно одбојкарите на Струмица со 6:1, односно 9:4, а потоа и со комплетен пресврт стигнаа до важна победа.
Јован Милев со 20 поени беше лидер на Струмица, следен од Кристијан Илијев со 17.
Во редовите на Штип УГД, Махди Задмард со 22 поени беше најдобар поентер на мечот додека Стојан Илиев имаше 18 поени, а Стојче Арсов 12 поени.
Штип УГД и покрај поразот останува на лидерската позиција на табелата со бод повеќе од второпласираната Струмица.
На останатите натпревари од ова коло Универзитет од Тетово и Лирија запишаа максимални победи над Сушево, односно Јанта Волеј. Работнички 71&22 беше подобар од Шкендија со 3:1, додека со истиот резултат Весна Пробиштип стигна до втора победа во првенството над Скопје. Деветтото коло кај мажите ќе биде комплетирано в понеделник кога се игра дуелот меѓу Македонија Џио и ГОК Борец, кој ќе има и директен пренос на националниот сервис.
ПРВА ЛИГА МАЖИ, 9. КОЛО
СУШЕВО – УНИ. ВО ТЕТОВО 0:3 (21:25, 23:25, 19:25)
ШКЕНДИЈА – РАБОТНИЧКИ 71&22 1:3 (22:25, 16:25, 25:22, 12:25)
ВЕСНА ПРОБИШТИП – СКОПЈЕ 3:1 (25:22, 25:16, 19:25, 25:17)
ШТИП УГД – СТРУМИЦА 47&72 2:3 (25:19, 25:21, 23:25, 23:25, 12:15)
ЈАНТА ВОЛЕЈ – ЛИРИЈА 0:3 (12:25, 17:25, 16:25)
МАКЕДОНИЈА ЏИО – ГОК БОРЕЦ 08.12.2025 19:00ч. (ТВ)






