четврток, 19 март 2026

Шкупи застана во одбрана на тепачите: Родителите интервенирале за да ги заштитат своите деца

Фудбалскиот клуб Шкупи наместо да го осуди инцидентот кој се случи во Штип, застана во одбрана на оние кои влегоа во теренот и тепаа малолетни деца.

Објавено на

часот

Сподели

Од фудбалскиот клуб Шкупи најдоа оправдување за влезот на родителите во теренот и нападот на младинци од Брегалница.

„Ние како клуб сме длабоко загрижени од клеветите и неточните прикажувања што некои медиуми во Македонија ги прават во врска со нашиот клуб и, пред сè, со нашите деца.
Најпрво, изразуваме жалење за тоа што се случи на денешниот натпревар во Штип и категорично ја осудуваме насилството. Фудбалот нема и не смее да има место за насилство. Насилството е надвор од фудбалот.

Нашиот клуб со години е посветен на спортското и општественото воспитување на децата. Во соработка со тренерите и родителите организираме предавања речиси секој месец за фер-плеј однесување, почитување и коректност – суштински принципи за развојот на нашите деца.

Во денешниот инцидент, важно е да се разбере дека интервенцијата на родителите се случи единствено за да ги заштитат своите деца и да спречат ескалација на ситуацијата. Не постоела никаква друга позадина.

Со ФК Брегалница имаме многу добри односи и се надеваме дека овој инцидент никогаш повеќе нема да се повтори. Ќе работиме уште повеќе за да не доаѓа до вакви ситуации, особено во младинските категории, каде што фудбалот треба да остане само игра и радост за децата.

Фудбалот нè обединува – не нè дели.

Во својство на координатор на фудбалското училиште, сакам да истакнам дека и нашиот стручен кадар треба да биде сослушан и земен предвид во вакви ситуации. Овие деца се нечии синови, деца на родители кои со многу жртви ги носат секојдневно на тренинзи и натпревари. Никој нема право да гази врз нив или да им создава неправедна слика.

Ќе продолжиме посветено да работиме за да им овозможиме на децата здрав спортски и воспитен развој, секогаш во духот на почитување, коректност и љубов кон фудбалот“, стои во соопштението на Шкупи.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ