Македонскиот шампион веќе креираше клупска историја, сега најлошото сценарио ги носи во лигашката фаза од Конференциската лига, но Шкендија ќе се обиде да избори пласман во подобро натпреварување.
Првата пречка за тоа е Карабах, тимот од Азербејџан кој ќе ја има улогата на фаворит во овој двобој со Шкендија.
Тетовскиот тим влезе во форма со натпреварите против ТНС и Стеауа кои ги заврши успешно, па со зголемена самодоверба и оптимистички мисли ќе тргне по изненадување и против Карабах.
„Во споредба на ФЦСБ и Карабах, романскиот тим е поскап, но Карабах е дисциплинирана екипа, со години инвестираат, а нивна најсилна страна е тренерот и уште неколку играчи кои се заедно подолго време со тимот. Но, фудбалот е таков спорт што ако успееме да сме „гладни“, да останеме со нозе на земја, да се бориме максимално, може да поминеме добро во овој двомеч. Карабах сака да доминира, сака да игра, не се физичка екипа, играат добар фудбал. Ги анализиравме, да бидеме искрени, ги гледавме последните два меча, а тоа не е мерило. Секој нов натпревар е нова историја, колку ќе игра добро Карабах зависи од нас, колку добро ќе играме ние, зависи од нив“, изјави на вчерашната прес-конференција тренерот на Шкендија, Јетон Бекири.
Шкендија е единствениот македонски тим кој остана во Европа, шампионот се избори за европска есен, успех кој во минатото го има направено само уште Вардар.






