Тетовскиот тим се извлече од пораз и елиминација буквално во последните секунди, па имаше повеќе нерви и концентрација за да го елиминира ривалот.
Средбата тргна со водечкиот гол на Марјан Радески во 13 минута, откако по нафрлување на Папе Фал лошо реагираше Имран Фетаи (1-0). Овој резултат беше активен до полувремето, а Шкендија не успеваше да се наметне.
И покрај тоа тимот на Јетон Беќири стигна до израмнување во 74 минута преку Бесарт Ибраими. Иако овој гол првично беше поништен, утврдено беше дека нема офсајд. Следуваше ремек-дело од слободен удар на Меметриза Хамза кој погоди за 2-1 во 82 минута од средбата. Кога сите го чекаа крајот на мечот, Шкендија израмни во 96 минута преку Фетаи кој остана подзаборавен на патерецот по еден слободен удар.
Во пенал рулетот единствен кој промаши беше Стефан Јевтовски и Шкендија се пласира во полуфинале, а таму ќе игра со Шкендија Арачиново. Во вториот полуфинален двомеч ќе се судрат Силекс и Охрид.






