четврток, 10 април 2025

Шкендија ја доби казната за непочитувањето на минутата молк за жрвите од Кочани

Дисциплинската комисија во рамките на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), ги донесе одлуките за случајот во кој навивачите на Шкендија наместо да дадат молк за жрвите од Кочани, тие пееја песна од УЧК.

Објавено на

часот

Сподели

Шкендија во наредните пет домашни натпревари ќе игра без публика, тоа е до крајот на сезоната.

Тие ќе платат и парична казна од 5.000 евра, а дициплинската комисија го суспендираше делегатот на овој меч, Гоце Шоповски од Струга кој нема да смее да извршува било каква функција во фудбалот во наредните шест месеци.

Соопштението на ФФМ ви го пренесуваме во целост:

„Дисциплинската комисија во рамки на ФФМ донесе одлука ФК Шкендија да биде казнета со играње на следните пет домашни натпревари без присуство на публика.

Одлуката е донесена поради недолично однесување на навивачите и непочитување на минута молк во рамки на натпреварот ФК Шкендија – ФК Брера од 25. коло во Прва МФЛ.

Дополнително, клубот ФК Шкендија е санкциониран со парична казна во износ од 5.000 евра поради лоша организација на натпреварот.

Дисциплинската комисија, исто така, донесе одлука делегатот на натпреварот ФК Шкендија – ФК Брера, Гоце Шоповски од Струга да се суспендира на шест месеци од извршување на било каква функција во фудбалот поради непочитување на пропишаните организациски протоколи.

Делегатот на натпреварот во Тетово не презел потребни дејствија во врска со однесувањето на навивачите и не постапил според протоколите за организација на натпревари, кои предвидуваат и празнење на трибината во вакви случаи.

ФК Шкендија добива автоматска казна во паричен износ од 1.000 евра поради спречување на официјален снимател да ја извршува својата работа.

ФФМ во вакви или слични случаи нема да биде толерантна кон ниту еден клуб и очекува максимална одговорност од сите клубови и официјални лица.

Делегатите на натпреварите имаат јасно пропишани протоколи и сите потребни инструменти за делување во вакви ситуации. ФФМ им дава целосна поддршка во нивната примена и одлучност при постапувањето.

Расистичко, националистичко или било каков облик на дискриминаторско навивање нема да се толерира и ќе биде строго санкционирано согласно важечките регулативи“, се вели во соопштението.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ