Полјакот во август 2024 го раскина договорот со Јувентус, и десет дена подоцна соопшти дека става крај на кариерата.
Сепак, на почетокот од октомври месец тој се врати од пензија откако на неговата врата тропна Барселона.
„Не дека ја загубив страста за фудбалот… едноставно не добив примамлива понуда. Имав неколку богати понуди, но не ми се играше само за пари“ – вели Шчесни.
„Три дена пред да соопштам дека одам во пензија, разговарав со Роберт Левандовски и му кажав дека повеќе немам желба да играм за ниту еден клуб… може да играм само за Барселона“.
„Па кога ми се јавија, очигледно имаа информации дека ќе можат да ме убедат“.
„Првата сезона во Барса играв беспари. Се што добив од Барселона, морав да му вратам на Јувентус за тоа што предвреме го раскинавме договорот“.
Полскиот голман е човек кој отворено говори за многу работи, не се срамеше да каже дека една од работите што му пречат во животот како фудбалер е тоа што не може да јаде што сака и колку сака.
„На фудбалерите не им е дозволено да имаат вишок килограми, дури и во договорите има сериозни финансиски казни за тие што ќе претераат“.
„Обожавам да јадам, и иако некако успевам да останам во дозволената граница, во Барселона го соборив рекордот за процент на телесни масти“.
Тој потоа откри една интересна приказна од репрезентацијата на Полска.
„Еднаш, Леви ме исмеваше во соблекувалната, „Како може Шчесни да има таква кариера со вакво тело?““
„Никогаш не сум бил фудбалер кој тренира повеќе и понапорно од другите, но успеав да го одржам истото високо ниво во текот на 18 години“.
„Можеби никогаш не бев перфектна 10-ка, но никогаш не паднав под осум. Таа стабилност ми дозволи да изградам долга и успешна кариера“.






