Стратегот на Вардар вели дека тимот е максимално подготвен да одговори на предизвикот и да го крене трофејот од купот.
„Мислам дека Вардар е подготвен да го даде максимумот во финалето. Знаеме дека пред себе имаме незгоден ривал кој лани беше првак. Ние се гледаме самите себеси. Толку време Вардар го чека ова финале, па ќе дадеме максимум на овој добар терен и со помош од публиката да ја оствариме целта оваа полусезона. Сакаме да продолжиме со добрите резултати од последните месеци и да го освоиме Купот, иако сме свесни дека нема да биде лесно. Ако играчите одиграат како во претходните шест месеци, се надевам дека трофејот ќе дојде во нашите витрини. Знаеме каде беше Вардар во првата полусезона, ама со макотрпна работа стигнавме до петтото место. Мислам дека го заслуживме тоа, а сакам да го заокружиме добриот ритам и утре“, вели Седлоски.
„Секој натпревар во овие месеци зад нас беше финале, а ова е друг меч и постои притисок. Свесни сме сите, играчите ако го дадат максимумот мислам дека можеме до успех. И ние, но и Струга го заслужуваме ова финале. Се надевам на добра игра, фер и коректно, во добро светло да се прикажеме и да се радуваме. Домашниот терен е предност, знаеме што значи Вардар во Македонија и сигурно ќе има доста публика во Скопје. Ова е финале, двата тима мора да се фокусирани на својата игра. Струга е квалитетен ривал и заслужува респект, ама мора да ја одработиме уште оваа средба во свој стил“.
На прес-конференцијата со Седлоски беше и еден од капитените на Вардар, Горан Закариќ.
„Чест и задоволство ми е што сум тука како капитен на Вардар. Би се сложил со тренерот Седлоски, 18 години минаа и имаме голема шанса да го вратиме трофејот во витрините на клубот. Мислам дека со помош на нашите навивачи ќе се избориме за таков успех. Се надевам дека ќе уживаме во овој натпревар, имаме доста одиграни средби со Струга. Ќе се подготвиме максимално и се надевам ќе се радуваме сите заедно по натпреварот. Тука сум од првиот ден на сезоната, имавме тежок период и секако дека имаше доста промени. Одработивме врвни припреми во јануари, а оваа низа без пораз заслужува респект, особено кон луѓето кои дојдоа подоцна и ги сменија работите. Покажавме пролетва кои сме и што сме, па мислам дека и утре ќе дадеме свој максимум за да стигнеме до успех“, изјави Закариќ.