Селекторот Гоце Седлоски најави дека Македонија ќе се обиде да извлече поука од последниот натпревар и да покаже поинакво лице.
„Поразите болат, а овој беше на многу важен натпревар. Смирени и концентритани сме, момците кои се тука работат напорно и тоа што го тренираме треба да го пренесеме на терен. Ги анализираме грешките од натпреварот против Данска и тие фамозни десет минути кога ги примивме головите. Разговараме често, дишеме заедно и нема причина да не размислуваме позитивно. Ирците болни испаднаа во Прага и очекувам дека ќе реагираат. Скоро сите репрезентативци на Ирска играат во најсилната лига на светот. Наша цел е да парираме со посед, со комбинаторика и тоа ќе го барам и од моите фудбалери. Ќе изменам на некои позиции, но нема да биде тоа целосно нов тим. Се договоривме да има осум замени и ќе го изротирам ростерот. Од утре почнува она што ни е зацртано за во иднина“, рече Седлоски.
Селекторот потенцираше дека формата во клубовите ќе биде клучен фактор за повик во репрезентацијата и додаде дека никому не му е затворена вратата.
„Играчите кои настапуваат во клубовите имаат предност и во репрезентацијата. Кој игра за Македонија не игра за мене или за некој друг, игра за земјата. Секој си одговора за своите постапи и не се мешам во тоа. Никому вратата во репрезентацијата не му е затворена. Се одлучив за момците кои го понесоа товарот во квалификациите. Разговарав со Адеми и со Стефан Ристовски, како и со сите други потенцијални репрезентативци и никој не исклучувам за во иднина. Треба да се освежува репрезентација, но костурот ќе биде овој. Ако играат во клубовите, овие момци ќе бидат повикувани. Ќе гледаме и скенираме и во домашната лига и во младинските селекции и сигурно ќе освежиме во иднина“, изјави Седлоски.
Нашиот национален тим доживеа убедлив пораз од Данска во Копенхаген, додека Ирците беа елиминирани од Чешка по пенали, иако имаа предност од 0-2 во регуларниот тек. Тоа дополнително го прави дуелот непредвидлив и психолошки тежок за двете страни.






