Данците ја казнија секоја слабост во играта на Македонија, особено по паузата кога со неколку брзи напади целосно го разнишаа системот на игра. Клучен момент беше раниот гол во второто полувреме, по што избраниците на Гоце Седлоски ја загубија компактноста, а противникот тоа максимално го искористи и со три гола во краток период го реши победникот.Селекторот по натпреварот не го криеше разочарувањето и потенцираше дека тимот мора да извлече поуки од ваквиот пад во играта.„Честитки за данската репрезентација за заслужената победа. Задоволен сум од првото полувреме, но ни се случи раниот гол во второто полувреме, откако им реков на фудбалерите да се обидеме да излеземе понапред и да се надигруваме. Ни се распадна системот и Данците покажаа моќ. Стравував од играта по страните и тој страв беше оправдан. Имавме проблем со придодавање на бековите на данската селекција и не успеавме да се одбраниме. Треба да разговараме со фудбалерите за тој пад и трите гола во десет минути. Ставив во игра фудбалери кои се стандардни во клубовите и верував во нив. Сега не сакам да анализарам, „жешки се главите“; но сигурно дека во иднина ќе има промени во тимот. Сигурно дека проблемот е и во главата, не треба да паѓа концентрација. Примате голови и за десет минути добиваш уште три гола во мрежата. Сепак, треба пак да кажам дека Данска постојано те „меле“. Во првиот дел дозволивме само удари од далечина, но моравме да издржиме подолго. Сите сме тажни, им благодарам на навивачите кои ни дадоа поддршка и верувам дека во иднина ќе ги израдуваме“, изјави Седлоски..Македонската репрезентација веќе утре се враќа во Скопје, каде што ќе следува анализа на настапот и подготовки за следниот предизвик, кој е закажан во вторник против селекцијата на Чешка или Ирска.






