Вардар без пораз го одигра есенскиот дел од сезоната, а Гоце Седлоски е презадоволен од прикажаното на играчите.
„Можам да кажам дека сум презадоволен од она што Вардар како тим го одигра во есенскиот дел од шампионатот. Од секој аспект. Видовте и самите со каков притисок се соочува тимот. Едноставно сите од Вардар го очекуваат најдоброто, а тоа не е лесно да се постигне. Затоа сум горд на овие момци. Што без пораз ја одработија задачата, на најдобар можен начин. Не е лесно да го носиш дресот на Вардар. Секој противник е на највисоко ниво кога игра против Вардар. Тоа се потврдува од меч во меч. Едноставно тоа е така. Навикнати сме на тоа. Така и е создавана оваа екипа. Од момци кои што очигледно можат да се носат со тој притисок. Им честитам за тоа“, вели тренерот на Вардар, Гоце Седлоски за сајтот на ФФМ.
Но, тој е свесен дека уште ништо не е готово, во вториот дел од сезоната треба уште многу да се даде.
„Токму така. Не чека уште многу работа. Многу труд, многу напор за да се стигне до посакуваната цел. Ништо не е готово, напротив. На пролет не чека уште потежок пат кон она што се стремиме да го оствариме. Успесите кога е во прашање Вардар се неминовност, самите по себе се наметнуваат, а само најсилните и најхрабрите се способни да ги остварат. Затоа сум особено горд на сите оние кои во моментов се дел од овој колектив“.






