Прв предизвик на новиот предводник ќе биде бараж мечот против Данска, а тој го објави својот прв список. По објавувањето на списокот, Седлоски го објасни својот избор на прес-конференцијата.
„За натпреварот со Данска, станува збор за сериозен противник кој за нас е голем мотив да се докажеме и да видиме до каде сме. Одлучив да не менувам многу во играчкиот кадар. Оние играчи кои го носеа товарот на квалификациите да останат исто, а освеживме со неколку новајлии и неколку повратници. Не посакуваме никому лошо, Данска според она што го гледам има доста проблеми со повреди. Фокусирани сме сами на себе. Мене ме радува формата на нашите напаѓачи, особено Растодер кој дава гол речиси на секој натпревар. Кој и да влезе мора да даде максимум. Данска има голем ростер, па и да има повредени играчи е квалитетна. Мора да влеземе храбро, колективно еден за друг. Сите ја гледаат Данска како фаворит, ама тоа е на хартија – теренот ќе покаже! Што се однесува до дебитантите, тука е Мусовски кој доста го следевме и играше добро во МЛС. Тука е и Фетаи кој е стандарден во Шкендија во Европа и првенството и верувам во нив. Третиот кој сакам да го нагласам е Херера кој е капитен на Борац Бања Лука. Повратниците како Николов, Дориев и Бејтулаи играат константно и решив да ги повикам повторно. На десната страна имаме проблем и поради тоа се врати Бејтулаи. За овие два натпревари го одбрав овој состав. Во контакт сум со сите играчи, Муслиу ќе дојде здрав по повредата. Тука е и Алиоски кој има проблеми, па тие ми се со прашалник. Костурот е тој, квалификациите ги одиграа во главно овие играчи. Атмосферата сакам да остане иста, овие играчи се познаваат и сакам со мало освежување да бидеме уште подобри. Сите што се на списокот може да настапат, а сите треба да знаат за кој играат и колку тежи овој дрес. Немаме многу време, само три дена за работа. Ќе се обидеме да вметнеме нешто ново, а вратата на репрезентацијата никому не му е затворена. Важно ми е да бидеме компактни, да не се плашиме да излеземе и да одиграме квалитетно. Јас како играч секогаш сум барал таква атмосфера каква што не очекува во Данска, па се надевам така ќе биде и со играчите сега. Наше е да одиграме храбро, а се надеваме дека ќе изненадиме. Така беше и во Палермо, изненадивме и победивме, па нека биде така и во Копенхаген“, изјави Седлоски.
Македонија ќе ѝ гостува на Данска на 26 март во 20:45 часот. Победникот од овој дуел вкрстува со подобриот од мечот меѓу Чешка и Ирска во борбата за мундијалска виза.






