На еден ден пред натпреварот се одржа официјалната прес-конференција на која своите очекувања ги сподели селекторот Гоце Седлоски. Тој призна дека ова е голем предизвик, ама посочи дека Македонија знае што сака.
„Македонија ја чека голем предизвик за пласман на Светското првенство. Ова е сон за сите нас. Не чека дуел со моќна репрезентација како Данска, ја почитуваме и цениме, ама заслужни се фудбалерите кои дојдоа дотука. Атмосферата е позитивна и енергијата во овие три дена е на високо ниво и мислам дека сме подготвени. Сите сме фокусирани, дишеме еден за друг и знаеме што значи играњето за Македонија. Данска е фаворит, ама некогаш и фаворитите знаат да загубат.
Веќе одлучив како ќе играме, трениравме детално и сите си ги знаат задачите. Трениравме и пенали. Штета е што го немаме Алиоски во тимот. Сите мислиме дека Данска е ослабена, ама таа има одлични фудбалери на сите позиции. Нападот им е поопасен, а некои работи ќе зависат од нас. Овие фудбалери секогаш играле одлично против силни репрезентации, нека биде така и во Копенхаген. Во фудбалот се случуваат чуда. Потценувањето од нивна страна е дополнителен мотив за нас“, изјави Седлоски.
Натпреварот меѓу Македонија и Данска на „Паркен“ в четврток во 20:45 часот ќе го суди Феликс Цвајер.






