Поминаа четири години од почетокот на војната меѓу Русија и Украина, четири години откако рускиот и белорускиот спорт се најдоа во изолација од меѓународната спортска сцена. Таа изолација сè уште трае, иако кај дел од големите спортски федерации веќе се чувствува одредена нелагодност поради фактот што руските и белоруските спортисти остануваат надвор од натпреварувањата, додека спортистите од други земји што се дел од воени конфликти слободно учествуваат на сите големи спортски настани.
ФИФА и УЕФА беа меѓу првите организации што воведоа забрана за Русија. Руските и белоруските клубови и репрезентации беа исфрлени од сите меѓународни фудбалски натпреварувања, а ваквата суспензија брзо ја следеа и многу други спортски федерации. Сепак, се чини дека размислувањата кај дел од оние што одлучуваат почнуваат да се менуваат, а тоа би можело наскоро да се преточи и во конкретни потези.

Неодамна првиот човек на светскиот фудбал, претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, навести можност за укинување на забраната за Русија и Белорусија.
„Мора да ја укинеме суспензијата. Јас сум против забрани и бојкоти. Тие создаваат уште повеќе омраза. Би испратило позитивна порака ако девојките и момците од Русија учествуваат на фудбалските турнири низ Европа“, изјави Инфантино.
Доколку Инфантино остане доследен на своите зборови и наскоро се случи укинување на забраната во фудбалот, кој е најпопуларниот спорт во светот, тоа може да биде сигнал и за другите спортски федерации да се охрабрат и да донесат слична одлука, исто како што едноподруго ја воведуваа суспензијата.
„Време е да се крене забраната за Русија. Спортот е нешто сосема различно од политиката. Тој обединува, допира до луѓето на позитивен начин и ги зближува народите, наместо да ги разделува. Никогаш не треба да се мешаат спортот и политиката, но за жал често гледаме како политичарите го користат спортот за остварување на своите цели. Сè поочигледни стануваат и двојните аршини на светските спортски федерации – едни се казнуваат, додека други остануваат недопирливи и покрај тоа што се дел од воени конфликти. Сметам дека руските спортисти и клубови треба што побрзо да се вратат на меѓународната сцена и рамноправно со сите други да учествуваат на големите натпреварувања“, вели Игор Кралевски, поранешниот македонски фудбалер, кој дел од својата кариера мина во Русија.

Во меѓувреме, светот се соочува со нови конфликти. Актуелни се тензиите и војните на Блискиот Исток, како и други геополитички судири, но спортски санкции за тие држави нема. Поради политичкото влијание што го имаат, веројатно и нема да има. Сето тоа дополнително ја засилува перцепцијата за двојни стандарди, светот станува сè почувствителен на неправдите и различниот третман.
„Треба да се крене забраната за руските спортисти, тие воопшто не се виновни за војната меѓу Русија и Украина. Спортот и политиката не треба да се мешаат. Сите спортисти треба рамноправно да се натпреваруваат, со иста цел – да го живеат животот како професионални спортисти. Сега имаме инвазија од САД и Израел врз Иран, ако се следи принципот по кој Русија доби забрана, тогаш истото би требало да важи и за други земји вклучени во воени конфликти. Но, јасно е дека тоа нема да се случи. Не се разбирам од политика, но сметам дека забраната за руските спортисти воопшто не требаше ни да биде воведена“, смета Стевица Ристиќ, поранешниот македонски напаѓач, кој исто така играше во Русија.
Ова е година на Светско фудбалско првенство домаќини се САД, Канада и Мексико. Поради забраната, Русија нема да биде дел и од овој мундијал. За разлика од нив, домаќинот САД, кој од почетокот на оваа година најпрво имаше воена интервенција во Венецуела, а сега во сојузништво со Израел многу поголема инвазија во Иран, не само што ќе учествува, туку ќе биде и главен организатор на најгледаниот спортски настан.

Стигнуваат најави од Иран за можен бојкот на Светското првенство. Иранците изборија пласман на Мундијалот во САД и според резултатите треба да бидат дел од турнирот, но останува неизвесно дали навистина ќе настапат. Претседателот на САД, Доналд Трамп, неодамна изјави дека воопшто не е загрижен за евентуален бојкот од иранската репрезентација. Тоа е уште еден показател дека моќниците често се водат исклучиво од сопствениот интерес, а кога тој е доволно голем, принципите редовно се занемаруваат.
Санкциите против Русија беа воведени со цел да се испрати силна политичка порака и да се изврши притисок за побрзо решавање на воениот конфликт. Но оцрнувањето на една земја, додека се замижува пред воените злосторства на други, неизбежно го отвора прашањето дали ваквата забрана воопшто има смисла да продолжи да постои. Одговорот е повеќе од очигледен.
Ристе Ѓорѓиевски






