недела, 7 декември 2025

Русија е непожелна, Израел е недопирлив: лицемерието на спортските федерации

Додека Русите и Белорусите се казнети со целосна спортска изолација поради војната во Украина, Израелците непречено настапуваат на сите натпреварувања и покрај крвавата офанзива во Газа. Истите светски спортски федерации што воведоа санкции за едните, како да ја вртат главата на другата страна кога станува збор за другите.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

По почетокот на војната меѓу Русија и Украина во февруари 2022 година, меѓународните спортски федерации и организации како Меѓународниот олимписки комитет (МОК) донесоа низа санкции против Русите со цел да го осудат воениот конфликт. Покрај Русија, санкции доби и Белорусија, како поддржувач на руската агресија над Украинците.

Во многу спортови руските екипи и спортисти беа целосно исфрлени од натпреварувањата. Фудбалот беше меѓу првите што реагираа, УЕФА и ФИФА ја суспендираа руската репрезентација и клубовите од сите меѓународни натпревари. Тоа значеше дека Русија не може да учествува во квалификациите за Светско и Европско првенство, ниту пак нејзините клубови да играат во европските купови.

Фото: ЕПА

Примерот на УЕФА и ФИФА го следаат и сите други меѓународни федерации во екипните спортови. Руските репрезентации и клубови беа исклучени од континенталните и светските натпреварувања, а многу федерации ја прекинаа соработката со руските организации. Овие одлуки беа донесени под изговор дека спортот не може да остане неутрален во време на агресија и војна.

Овој радикален пристап не беше следен и од индивидуалните спортови, каде што Русите и Белорусите продолжија да се натпреваруваат, но под неутрално знаме и без државна химна. На турнирите нивната национална припадност не се прикажува, а ако освојат златен медал, немаат можност гордо да застанат и да ја слушнат својата химна.

Белоруската тенисерка Арина Сабаленка го покори светот, таа е женскиот тениски рекет број еден во овој момент, но никаде покрај нејзиното име не стои и знамето на Белорусија.

Фото: ЕПА

Така беше и на последните Олимписки игри, каде што Русите во некои спортови воопшто не учествуваа, а во некои беа под олимпиското знаме.

„Политиката и спортот се различни работи и не треба да се мешаат. Јас како тренер повеќе би почитувал медал од натпревар каде што се сите најдобри”, вели претседателот на Таеквондо федерацијата на Македонија, Борче Костовски, кој работи и како тренер.

Фото: ЕПА

Слично размислува и претседателот на Боречката федерација на Македонија, Дејан Богданов, кој вели дека ваквото мислење го делат и многу негови пријатели и спортски работници од другите земји.

„Мислам дека треба да се кренат забраните за Русија и Белорусија и спортистите од овие земји достоинствено да ги претставуваат своите земји, бидејќи политиката не треба да се меша во спортот. Имам многу пријатели во другите држави со кои сме зборувале на оваа тема и сите имаат ист став. Многу спортисти од овие држави ја прекинаа и кариерата затоа што не можеа да вадат визи и да патуваат на натпревари“, вели Богданов.

Во атлетиката, пак, ситуацијата е уште покомплицирана. Русија беше суспендирана уште пред војната, поради систематскиот допинг-скандал што ја потресе земјата во изминатата деценија. Светската атлетика долго време не дозволуваше руските спортисти да настапуваат под национално знаме, дури и пред 2022 година. Иако по одреден период некои од нив добија статус на „неутрални атлетичари“, новите политички случувања дополнително ја зацврстија изолацијата.

„Ова е прашање за висока политика, која за жал е длабоко навлезена во спортот. Во атлетиката Русија е суспендирана поради државен допинг-скандал, а не поради војната во Украина. Па оттаму секоја паралела со Израел во нашиот спорт не би била соодветна“, вели претседателката на Атлетската федерација на Македонија, Александра Војнеска Зикова.

Овие мерки го ставија рускиот спорт во изолација каква што не е забележана од времето на Студената војна. Многу спортски објекти во Русија сега се користат само за домашни натпревари, а младите спортисти растат без шанса да се докажат на меѓународната сцена. Меѓународниот олимписки комитет неколку пати истакна дека целта не е трајна забрана, туку заштита на фер-плејот и безбедноста на спортистите од Украина. Сепак, во Русија ваквите одлуки се гледаат како политичка дискриминација и мешање на политиката во спортот.

Додека Русија беше санкционирана речиси преку ноќ, спортските федерации имаат сосема поинаков пристап кога станува збор за Израел. И покрај континуираните воени операции и обвиненијата за геноцид во Газа, израелските спортисти и тимови продолжуваат непречено да се натпреваруваат на меѓународната сцена. Ниту една водечка спортска организација, вклучително и МОК, ФИФА или УЕФА, не воведе санкции кон Израел.

Фото: ЕПА

Овој контраст отвора сериозно прашање: дали спортот навистина е „неутрален“ или светските федерации применуваат двојни аршини? Додека Русија е исклучена за „воена агресија“, Израел, кој повеќе од една година води офанзива со илјадници цивилни жртви во Газа, не е предмет на слични мерки.

Санкциите против Русија беа преземени со цел да се испрати јасна политичка порака. Но со оглед на молкот околу израелските акции во Газа, многумина се прашуваат дали спортските организации навистина го бранат мирот и човековите вредности или пак реагираат само кога тоа е политички удобно.

Ристе Ѓорѓиевски

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ