Во пресрет на утрешниот натпревар помеѓу Реал Мадрид и Осасуна во првото коло од новата сезона во Ла Лига, АС направи интервју со Валтер Пандијани, легендарниот Уругваец кој четири сезони беше дел од популарните „Лос Рохиљос“.
Тој се присети на еден дуел против Кристијано Роналдо и го опиша Португалецот како многу арогантен.
„Навивачите на Осасуна се прилично страсни, му свиреа и го навредуваа од моментот кога се појави на загревањето. Толку многу го налутија, па кога тренираше слободни удари, шутираше кон луѓето во публиката. Па се креираше прилично тензична атмосфера уште од стартот“ – раскажува Пандијани.
„При еден прекршок, Кристијано го бутна мојот соиграч Камуњас, и јас тргнав да го бранам, го бутнав Роналдо. А тој ме праша кој сум бил јас и колку пари сум заработувал…“
„Не застанавме тука, расправијата продолжи и во тунелот кон соблекувалните, се замеша и Серхио Рамос. Бев прилично лут, не ми се допадна однесувањето. Уф колку само беше арогантен. Да беше одличен голгетер, но однесувањето му беше никакво“.
„На крајот се замеша и Мурињо, кој рече дека сум бркал публицитет откако сум поминал 11 години во втора лига“.






