Работата е речиси завршена, но пласманот во полуфиналето треба да се потврди утре. Тренерот на Охрид, Борис Ројевиќ не остава ништо на случајот, сака максимален приод без разлика на убедливиот триумф на првиот меч.
„Пет голови можат да се стигнат лесно. Олимпијакос минатата сезона на гости славеше кај Турд со пет голови разлика, а потоа загуби со четири на домашен терен. Ова е опасен резултат и мора да внимаваме. Дополнителен проблем се повредените ракометари, имаме четворица повредени играчи. Ни треба поддршка од Охрид, но и цела Македонија затоа што ние ја претставуваме државата во ова натпреварување. Се надевам дека публиката ќе ни помогне да се избориме за полуфинале“, кажа Ројевиќ.
Исто како Ројевиќ размислува и искусниот ракометар Гоце Ојлески.
„Имавме тешко патување и тежок натпревар во Атина. Имаме неколку повредени играчи, но се подготвуваме максимално. Натпреварот во сабота нема да биде лесен како што се мисли. Олимпијакос е квалитетна екипа со добри ракометари кои ќе се обидат да променат нешто од првиот натпревар. Тие нема да се откажат лесно од пласман понатаму. Се надевам дека сите ние ќе одиграме добар натпревар. Ги повикувам љубителите на ракометот да ни дадат поддршка. Сакаме ракометен спектакл и се надевам дека ќе го оствариме тоа што сме го зацртале“, кажа Ојлески.
Натпреварот меѓу Охрид и Олимпијакос се игра утре во СРЦ „Билјанини Извори“ од 18 часот.






