сабота, 7 јуни 2025

РК Алкалоид апелира за фер и коректно навивање во финалето против АЕК

Во недела од 20:30 часот во салата „Борис Трајковски“ Алкалоид го пречекува АЕК во реванш финалниот меч од Европскиот куп.

Објавено на

часот

Сподели

Претседателот на РК Алкалоид, Горан Минов апелира до навивачите за фер и коректно навивање против грчкиот тим.

Драга публико, почитувани навивачи, наш осми играч на теренот,
Во пресрет на финалниот ракометен напревар од ЕХФ Европскиот куп меѓу РК „Алкалоид“ и РК „АЕК“, упатуваме искрен апел до нашите поддржувачи – да jа покажеме љубовта кон македонскиот ракомет и кон ракометниот клуб АЛКАЛОИД со фер и спортско навивање.
Да навиваме со срце, да бодриме со почит и да покажеме дека вистинските навивачи се дел од фер-плејот на теренот.
Ви благодариме за сета досегашна поддршка и убавите коментари за првиот одигран натпревар против РК „АЕК“. Во недела имаме пред нас уште 60 минути тежок и голем предизвик. Публиката како никогаш до сега имаме потреба да нè бодри, да навива за нас, покажувајќи респект и почит кон гостинската екипа, во духот на фер-плејот.
Со нас на трибините во недела ќе биде и нашиот најмлад навивач кој има само 2 години, а единствената официјална навивачка група на РК „Алкалоид“ „Кафетинки“ се вистински пример за тоа како е да се навива гласно, но од срце и со стил!
Да бидеме пример за спортска култура кон нашиот тим, гостите и претставниците на европската куќа на ракометот, затоа што спортот не е само борба за победа, туку и празник на почитта, заедништвото и витешката игра.
ДА НАВИВАМЕ ФЕР И СО СРЦЕ: НАПРЕД АЛКАЛОИД!“, рече Минов на денешната прес-конференција.

На мечот се очекува присуство и на околу 200 навивачи на АЕК.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ