понеделник, 8 декември 2025
ИНТЕРВЈУ СО МИНИСТЕРОТ ЗА СПОРТ

Ристовски: Спортот е иднината – а иднината ја градиме заедно, сега

Македонија ја зацврстува својата позиција на спортските светски мапи, а за подобри резултати на спортистите министерот за спорт Борко Ристовски вели дека претстои период на дијалог со спортските лидери и јавност за стратешки развој на спортистите за колективните и индивидуалните спортови. Тој зборува за визијата, за модерна спортска инфраструктура, програмите за младите и жените во спортот, транспарентното финансирање и соработката со клубовите и федерациите.

Објавено на

часот

Сподели

Со јасни цели до крајот на годината, како што е завршување на големите проекти, отворање на нови спортски сали и воведување дигитален регистар на спортски објекти, министерот Ристовски порачува дека спортот во Македонија е на пат кон стабилен и одржлив развој.

Веќе на почетокот на септември Скопје повторно ќе биде домаќин на голем спортски настан, првиот регионален спортски самит. Ова е втор голем спортски настан годинава во Македонија со кој државата го потврдува своето место на меѓународнста спортска мапа. Каква е вашата визија за спортската иднина на Македонија?

– Секоја можност да се промовира државата на спортската меѓународна сцена треба да се искористи за унапредување на спортот дома. Тие настани се можност за дијалог, формирање на стратегии и визии кои ќе го обликуваат спортот не само дома, туку и во регионот. Како Министерство ги поддржуваме иницијативите кои се поврзани со развојот на спортската индустрија и модернизацијата на инфраструктурата. Сметам дека сме во фаза кога треба да бидеме отворени и да ги чуеме чинителите од областа: федерации, клубови, локални власти, млади таленти, спортски педагози и академици за да ги идентификуваме најдобрите практики, да промовираме иновации во инфраструктурата, масовниот и училишниот спорт, женскиот и параспортот, како и да работиме на кревање на нивото на едукација кај спортските работници.

Нашата улога како Министерство е да обезбедиме рамка и платформа за размена на идеи и формулирање на стратегии што ќе ја донесат спортската политика во следната фаза. Сметам дека треба да обезбедиме дијалог за спортската заедница да е активно вклучена во креирањето на политики, а не само примател на решенија. Како спортист природно чуствувам дека спортот е иднината, и затоа си поставив цел таа иднината да ја градиме заедно, сега.

Ние мораме да креираме амбиент во кој ќе им помогнеме на младите да го најдат своето место, онаму каде нема услови или интерес за екипни спортови да се креираат услови за индивидуални спортови.

Искуствата во спортскиот свет покажуваат дека кога сакате да креирате спортска историја, треба да користите модели кои се веќе успешни и докажани во светот. Очекуваме дека таа платформа за дијалог да овозможи да се изберат најдобрите можности и практики за развој на екипните и на индивидуалните спортови.

Министерството во изминатата година реализираше голем број проекти, а неодамна ја почнавте и изградбата на новата сала во Воената академија?

– Еден од проектите на кои особено сум горд е изградбата на новата спортска сала во рамките на Воената академија „Генерал Михајло Апостолски“, инвестиција вредна 64.780.000 денари. Оваа сала, по завршувањето, ќе биде трајно дадена на користење на Министерството за одбрана за тренинзи на питомците, но ќе обезбедиме и термини за учениците и жителите на Општина Аеродром. За мене, тоа е пример како инфраструктурниот развој може да оди рака под рака со отворање на објектите за пошироката заедница. Ова е само дел од она што годинава го работевме. Обезбедивме рекордни 20 милиони евра директна финансиска поддршка за македонскиот спорт – средства што ги добиваат федерациите, клубовите и спортистите. Завршена е изградбата или реконструкцијата на 30 спортски центри и мултифункционални игралишта низ целата држава, комплетно обновени сали во Радовиш и Ново Село, нова атлетска патека во Гевгелија и пуштен во употреба базенот во Кисела Вода. Ја откочивме и изградбата на петте базени во Ѓорче Петров, Карпош, Штип, Битола и Кичево што со години беа оставени на помалку од 20 отсто реализација. Тие треба да бидат отворени до крајот на летото.

Како спортот може да стане поатрактивен за младите генерации?

– Верувам дека спортот мора да биде присутен во животот на децата од најрана возраст. Односно, преку училиштата, како и во воншколски активности. Затоа започнавме програми за отворање на училишните сали и игралишта, кои ќе бидат достапни и за учениците, а по наставата за сите деца и млади кои сакаат да спортуваат. Младите и спортот се во нашиот фокус од почетокот. Доделивме и 500 стипендии „Спортска надеж“ за млади талентирани спортисти, а средствата од игрите на среќа ги насочивме и кон училишниот и кон женскиот спорт. Нашата визија е во секое маало и секое училиште да има функционални спортски содржини. Со таа цел градиме и нови 10–15 мултифункционални игралишта и започнуваме изградба на три нови спортски сали, меѓу кои и во Аеродром и Крушево.

Каква е соработката со клубовите и федерациите?

– Тие се еден од базичните партнери на Министерството. Финансиската поддршка ја добиваат директно и врз јасни критериуми, а очекуваме отчетност и активно учество во развојот на младинскиот спорт. Со измените во Законот за спорт успеавме и да исправиме долгогодишна неправда – доделивме Национално спортско признание на 22 истакнати спортисти, освојувачи на европски и светски клупски титули, за да покажеме дека успехот се вреднува и памети.

Последните натпревари донесоа и непријатни сцени со навредливо скандирање. Каков е вашиот став за ваквите појави?

– Секое навредливо или дискриминаторско однесување е неприфатливо и не смее да има место во спортот. Нашата цел е спортот да биде простор на почит, фер-плеј и позитивна енергија. Веќе размилсуваме да работиме и на едукативни програми со клубовите и федерациите за да ја вратиме вистинската спортска култура.

Кои се приоритетите и плановите на Министерството до крајот на годинава?

– До крајот на годината имаме неколку јасни цели: да ги завршиме тековните инфраструктурни проекти, вклучувајќи ја целосната реконструкција на спортската сала „Расадник“ која треба да биде отворена во октомври, продолжување на изградбата на базенот во Охрид, како и започнување на новите спортски сали. Ќе реализираме капитални дотации од 544 милиони денари за 29 инфраструктурни проекти во 17 општини. Паралелно, ќе го финализираме планот за јавно достапен дигитален регистар на спортски објекти, со цел транспарентност и полесен пристап за сите.

Оваа година ја почнавме со 98,28% реализација на капиталните инвестиции во 2024, а во првите шест месеци од 2025 веќе сме на 74,32% – и тоа е најдобриот показател дека спортот во Македонија конечно се движи во вистинска насока.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ