Избраниците на Кире Лазаров се надминаа себеси и малку фалеше за победа против фаворизираната Португалија за која сите предвидуваа дека ќе победи.
Македонија одигра храбар натпревар, Филип Кузмановски и Мартин Томовски беа посебно важни што успеавме да оствариме резултат кој уште ни дава шанси за прогрес иако тие реално и не се големи.
Во првото полувреме беше изедначено, двете селекции се менуваа во водство, ниту една не успеа да се одлепи. Дури во финишот од првиот дел Португалија успеа да направи два предност и со таква да замине на одморот. Беше 15-13 за Португалците.
Вториот дел Португалија го почна со серија од 3-0 и се одлепи на највисоки пет голови разлика, беше 18-13. Но, македонските ракометари не се предадоа и успеаа да останат во игра.
Како одминуваше времето така Македонија ја топеше разликата на Португалија и стигнавме до нерешено. Португалците го имаа последниот напад кој траеше предолго, во него Томовски имаше две одбрани со кои не дозволи тие да победат. Имавме и несреќен момент кога Серафимот не фати една навидум лесна топка па му дадовме уште еден напад на противникот кој тој не го реализираше. Резултатот остана 29-29.
Филип Кузмановски ги даде повеќе од половина голови на Македонија, броеше до 15, по четири имаа Велковски и Атанасијевиќ,кај Португалија Франциско Кошта даде 11.
Ако ја победиме Романија во последното коло, гол разликата ќе одлучува за второто место, засега таа е комплетно на страната на Португалија која има плус шест, а ние имаме минус 12.
Мечот со Романија го играме во вторник со почеток од 18 часот.






