„Кралот“ синоќа падна пред Арсенал, „топчиите“ со 1-2 славеа на гостувањето во Мадрид и го елеминираа Реал во Лигата на шампиони.
Овој резултат само го потврди она што на многумина им беше јасно – овој состав на Реал не е добро балансиран, нема креативност во средниот ред, напаѓачкото трио често не функционира, а одбраната е премногу нестабилна.
Па се говори дека летоска ќе има многу промени, а новиот проект ќе биде започнат со нов тренер.
Се очекува Карло Анчелоти да го напушти кормилото и на негово место да пристигне Чаби Алонсо, иако во последно време се почесто се говори за можноста Јирген Клоп да седне на жешкото столче.
Што се однесува до играчкиот кадар, чистката ќе почне со Лука Модриќ, на Хрватот нема да му биде понуден нов договор, исото важи и за Лукас Вазкес.
Играчи кои разочараа оваа сезона, како Давиде Алаба, Ферланд Менди, Едуардо Камавинга и Орелиан Чуамни можат да заминат доколку пристигне соодветна понуда.
Се очекува понуди од Саудиска Арабија да пристигнат и за Винисиус Жуниор, Родриго и Антонио Ридигер, но овие три имиња во моментов не се на продажба.
Околу засилувањата, се очекува Трент Александер Арнолд од Ливерпул да биде првото ново име за сезоната 2025/26.
Централниот дел од дефанзивата исто така е еден од приоритетите, а на листата со желби се имиња како Дин Хујсен од Борнмут и Вилијам Салиба од Арсенал.
За средниот ред во бележникот се фудбалери како Родри од Манчестер Сити, Мартин Зубименди од Реал Сосиедад и Алекс Мекалистер од Ливерпул.
Во нападот ќе има промени само доколку биде продадено некое звучно име, и доколку се реализира трансфер на Вини или Родриго, прва желба ќе биде Ерлинг Халанд.