недела, 8 март 2026

Расел победи на стартот од новата сезона во Формула 1, Мерцедес го надмудри Ферари

Џорџ Расел е победник на трката за Големата награда на Австралија со која беше отворена новата сезона во Формула 1, тоа беше еден-два триумф на Мерцедес бидејќи на втората позиција заврши Кими Антонели, зад нив завршија двата болида на Ферари.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Трката ја одбележа голема борба меѓу Мерцедес и Ферари во првите десетина кругови. Потоа Мерцедес се одлучи за поинаква стратегија со застанувања во боксот во однос на Ферари и со тоа ја доби битката.

На стартот се покажа дека Ферари има најдобри болиди како што се зборуваше пред почетокот на сезоната. Леклер од четвртото се качи на првото место, а Хамилтон од седмото скокна на третото. Со нив двајца на врвот беа и возачите на Мерцедес, па во првите десет круга беше интересно да се гледа битката меѓу нив.

Во 12. круг откажа болидот на Исак Хаџар, возачот на Ред Бул, поради што се вклучи виртуелното безбедносно возило. Поголем дел од возачите вклучувајќи ги и оние на Мерцедес го искористија тоа да ги променат гумите, но не и на Ферари. Хамилтон беше лут и на тимското радио рече: „Барем еден од нас требаше да оди во бокс“.

На крајот се покажа дека Хамилтон е во право бидејќи Расел и Антонели без проблем ги извозеа преостанатите 46 кругови со тврдите гуми. Ферари се држеше на зацртаната цел од пред трката и ги промени гумите по 20. круг, но на крајот не успеаа да стекнат предност поради новите гуми и трката ја завршија зад Мерцедес.

Бранителот на титулата, возачот на Мекларен, Ландо Норис заврши на петтото место, а зад него беше Макс Ферстапен за кој ова беше одлична трка со оглед на тоа што стартуваше од 20. место. Во бодови беа и Оливер Бирмен, дебитантот Арвид Линдблад,Габриел Бортолето и Пјер Гасли.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ