понеделник, 9 јуни 2025

Ракометната федерација на Грција застана во одбрана на АЕК

Додека сите ја чекаме одлуката на ЕХФ за исходот од натпреварот меѓу Алкалоид и АЕК кој не се одигра откако ракометарите на грчкиот тим не сакаа да играат, со свој став се јавија и од Ракометната федерација на Грција.

Објавено на

часот

Сподели

Тие го нападнаа Алкалоид како организатор на мечот и му дадоа поддршка на АЕК. Соопштението е од претседателот на Грчката ракометна федерација, Костантинот Стаматис.

„Господине претседателе, Ви го испраќаме ова писмо во врска со вториот финален натпревар на Европскиот куп на ЕХФ помеѓу екипите Алкалоид-АЕК.

За овие специфични натпревари, најважно прашање е зошто условите за нивно одржување не беа утврдени пред почетокот на финалето, бидејќи ги знаевме и капацитетот на арените и соодветните упатства на Европската федерација за безбедноста и бројот на билети на кои секој тим имаше право. Доколку кој било тим се соочи со каков било безбедносен проблем или друг проблем, тоа требаше да се разговара и да се договори пред првиот натпревар од финалето.

АЕК, од своја страна, организираше одличен прв натпревар на стадион со капацитет од 8.500 седишта и не се соочи со никакви проблеми ниту со безбедноста ниту со гостопримството на тимот на Алкалоид и неговите навивачи.

На 22 мај добивме ажурирање од вас за безбедносните проблеми што се случија во Македонија и со право се поставуваат следниве едноставни прашања:
– Зошто министер одговорен за безбедноста на една земја открива безбедносен проблем по првиот натпревар и само неколку дена пред вториот?
– Зошто властите на една држава не можат да обезбедат присуство на 650 навивачи во арена со 7.000 седишта и нивен пристап од границите на земјата до стадионот?
– Зошто АЕК беше притиснат, пред неколку дена, да го игра второто финале во овие услови?
– Зошто, на состаноците одржани меѓу претставниците на двата тима и безбедносните органи на Македонија и Европската федерација не беше предложено, од причини за еднаквост, финалето да се одржи со соодветно намалување на бројот на навивачите за двата тима (т.е. 200 билети за АЕК – 2000 билети за Алкалоид)?

Ве потсетуваме дека ова е вторпат АЕК да има таков третман на гостување (претходниот беше против Партизан), додека напротив, натпреварите во Грција се одржуваат на најбезбеден начин. И конечно, нека нè информираат властите на Македонија, кои се овие вонредни безбедносни причини, неколку дена пред натпреварот, што предизвикаа забрана за грчки навивачи во земјата.

АЕК во овој случај целосно ги спроведе прописите во првиот натпревар, без никакви проблеми и требаше да добие ист третман на реваншот, без оглед на резултатот. Верувајќи во вашата проценка и во рамките на фер-плејот, чија филозофија се роди во нашата земја и се прошири низ целиот свет, како основен концепт на олимпизмот, очекуваме редефинирање на натпреварот, со присуство на навивачи на двата тима, како што произлегува од прописите на ЕХФ, кои беа прекршени во вториот натпревар, без доволно оправдување“, напиша Стаматис.

Ова воедно е и писмо од Грците до ЕХФ.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ