Серијата од седум порази по ред Вардар ја почна токму од Монпелје, во Скопје загуби од францускиот тим, но сега му се реваншираше.
Влијанието на Давид Дејвис очигледно си го направи своето, македонскиот тим се претстави во едно многу подобро издание и успеа да доминира на гостински терен кај лидерот на табелата.
Вардар водеше во текот на целиот натпревар, неизвесно беше само во првата половина од првиот дел кога се играше гол за гол. Во првите 30 минути македонскиот тим двапати дојде и до +4, а на одморот замина со предност од 13-10.
Во вториот дел Вардар ја продолжи доминацијата, црвено-црните дојдоа и до предност од осум голови разлика 21-13 и 22-14, во финишот се опуштија и му дозволија на Монпелје да се утеши со поблаг пораз. Конечниот резултат беше 28-25 за македонскиот тим.
Томовски беше фантастичен со 13 одбрани, Оливе Њокас постигна пет голови, по четири реализираа Стоилов и Тото.
Вардар со овој триумф повторно се качи на местата кои водат во нокаут фазата, а за седум дена го пречекува директниот ривал тимот на Загреб.






