По правило играчот што ќе добие позитивен тест не може да игра на наредниот натпревар, но тоа не важи за олимпискиот шампион.
Ѕвездата на Франција Никола Карабатиќ добил позитивен наод по мечот против Холандија во првото коло на втората рунда.
Меѓутоа, не само што Карабатиќ не се изолирал, како што е правилото на ЕП, туку играл на дуелот против Исланд, кој се одигра во саботата и заврши со изненадувачки пораз на Французите.
Во секој случај, правилата биле прекршени, а уште полошо е што и другите ракометари биле доведени во опасност, но Европската ракометна федерација (ЕХФ) го оправда овој скандалозен потег.
Карабатиќ во декември беше заразен со коронавирусот, па затоа тој и понатаму може да биде позитивен на тестирањето, но да не претставува ризик за зараза на својата околина, гласи објаснувањето за неговата ситуација.
„Точно е дека Никола Карабатиќ имаше позитивен тест по натпреварот со Холандија. Нашите медицински експерти ја прегледаа неговата медицинска историја бидејќи претходно беше заразен со ковид. Врз основа на антителата, проценивме дека му е дозволено да игра“, соопшти ЕХФ.
Франција в понеделник ќе одигра еден од клучните натпревари за пласман во полуфиналето на Европското првенство со Црна Гора од 20.30 часот.






