По ремито од 24-24 во Злин, вечерва Македонија брка победа пред полната сала „Борис Трајковски“ во Скопје за пласман на ракометниот Мундијал.
За искусниот Филип Миркуловски ова ќе биде посебно емотивен меч, последен натпревар во дресот на Македонија.
„Ова е мојот последен натпревар за репрезентацијата. Ќе има многу емоции, но ние сме професионалци. Ќе се обидеме да завршиме со среќен крај, да победиме и да се пласираме на Светското првенство“, вели Миркуловски.
Можеби ова ќе биде последен меч и за Лазаров, но постои можност тој да настапи и на Мундијалот како селектор-играч ако Македонија избори пласман. Кире се уште официјално не ја кажал својата одлука.
Со настапот во Чешка, Македонија ја презема фаворитската улога, атмосферата во „Борс Трајковски“ вечерва ќе биде жешка, па шансите за пласман на уште едно Светско првенство се големи, но противникот е сериозен.
Натпреварот меѓу Македонија и Чешка почнува од 19 часот. Влезниците од поодамна се распродадени, а тв пренос ќе има на МТВ.






