Поради наталожени долгови Металург доби суспензија од ЕХФ. Суспензијата најпрво се однесуваше за европските натпревари а откако не се испочитуваа роковите, клубот од синоќа е суспендиран и во домашното првенство.
„Се обративме до ЕХФ, а ќе побарам и состанок со РФМ. Постојано се борам со градење на ракометари. Моето барање ќе биде да се најде заедничко решение на 15 дена до ваучерот. Трите кола за исклучување од Суперлигата ќе побараме да се водат како одложени и да се одиграат на крајот на месецот. Разговарав со адвокатот на Кастратовиќ, но не добив позитивен одговор. Не сакам да размислувам за црно сценарио. Металург нема да згасне, дури и да биде исфрлен од лигата, туку ќе продолжи да функционира и може ќе треба да игра во Прва лига“, изјави Блажевска.
Во случајот со Кастратовиќ спорна е сумата. Тој го побарува целосниот износ предвиден од договорот иако замина седум месеци пред да биде истечен.
„Ја оспоруваме одлуката на Кастратовиќ. Тој беше тренер на Металург и побара да му се исплатат парите до крај на договорот. Тие пари се незаработени, тоа што го одработил за претходната и оваа сезона го прифативме, но ги оспорувам останатите седум плати, бидејќи тој самиот си даде отказ“.
На прашањето дали Минчо Јорданов се уште го помага клубот. Таа рече дека со ковид ситуацијата станало за сите потешко и секој си го гледа својот бизнис. Јорданов помагал кога најмногу требало, не се откажал од клубот, но ситуацијата во моментов е тешка за сите.






