Пред македонската репрезентација е бараж двомечот со Романија на 17 и 19 март. Селектор на противникот е добро познатиот шпански тренер Чави Пасквал кој работеше и со нашиот селектор Кире Лазаров додека тој играше во Барселона.
„Уште по пласманот на Европското првенство знаевме дека ќе треба да играме бараж за пласман на СП, тоа го имав во глава уште по поставувањето за селектор“, вели Лазаров.
„Од тој натпревар истото е тоа што тие го имаат истиот селектор, мислам дека имаат одредени измени меѓу играчите. Пасквал ми е добро познат тренер, 12 години беше во Барселона. Да опстанеш 12 години во една таква институција значи дека си еден од најдобрите тренери на светот. Сигурно дека ќе добијат и веќе добија многу со него, на сериозност, на квалитет, на стратегија и на клупски на репрезентативниот ракомет“.
„Што се однесува до нас имаме доста промени во однос на тој натпревар. Имаме доста новитети, доста нови играчи кои не беа дел од тој бараж. Еден противник кој е доста сериозен, којшто никако не смееме, не сакам ни да го изговорам тој збор, да го потцениме, напротив треба да го гледаме со респект, бидејќи познавајќи го Чави сигурно ќе подготви некое изненадување. Ние еве веќе почнавме, направивме една сеанса, анализираме и сигурен сум дека добро ќе се подготвиме за тие бараж натпревари“.
„Ние не треба да се оптоваруваме со Романија. Почнавме една работа која треба да ја продолжиме и да ја надградиме. Има работи со кои сум задоволен,но има работи кои треба да ги поправиме. Колку и да си добар секогаш има простор за натпреварување. Важно е дека сме на добар пат и сигурен сум дека ќе се подготвиме добро и дека ќе има една добра претстава“.
Против Романија сме фаворит, а доколку не се случи изненадување, последен противник за пласман на Мундијалот ни е селекцијата на Чешка со која ќе треба да играме во април.






