Вардар денеска разочара откако доживеа убедлив пораз од Веспрем со 30-22, црвено-црните само во една четвртина од мечот му парираа на силниот унгарски тим.
„Најпрво сакам да му честитам на Илиќ за одличната работа во Веспрем и мило ми е што соработувавме заедно. Сакам да им честитам и на моите ракометари, откако сум тука тие работат навистина напорно. Се обидовме да се подготвиме за овој меч колку што е можно подобро, но одигравме добро само во првите 15 минути. Но, невозможно е за два месеци да дојдете до ниво за играње на вакви натпревари. Треба уште многу да работиме. За реваншот ќе се подготвиме максимално сериозно, иако можеби изгледа невозможно, но додека има математика ние ќе се надеваме. Им благодарам на сите кои дојдоа вечерва да ни дадат поддршка“, вели Дејвис.
Капитенот Стојанче Стоилов му ја честита победата на Веспрем и најавува дека ќе го дадат максимумот во реваншот.
„Веспрем заслужи честитки, победи на терен каде тешко се победува. Се случуваат и вакви порази. Игравме добро на почетокот, во првите 15 минути, а потоа нивните голмани беа одлични, ние изгледавме збунето во нападот и ја загубивме самодовербата. Веспрем беше фаворит и си ја заврши задачата, ние не можевме да изненадиме. Изгледа невозможно, но се може да се случи во Унгарија. Се надевам дека ќе одиграме подобро“, вели Стоилов.






