понеделник, 8 декември 2025

Против Казахстан секогаш победуваме, нека биде така и вечерва

Фудбалската репрезентација на Македонија вечерва со почеток од 20:45 часот на Националната арена „Тодор Проески“ го пречекува Казахстан во многу важен натпревар за пласман на Светското првенство.

Објавено на

часот

Сподели

Македонските фудбалери играат одлични квалификации, не само што се бориме за бараж, туку овојпат сме конкурентни и за првата позиција која директно води на Светското првенство.

По одличното реми во Гент против Белгија, вечерва во Скопје го пречекуваме Казахстан, меч кој мора да го добиеме.

Казахстан е селекција против која не сме играле многу, имаме два меѓусебни дуели, двата завршиле позитивно за нас.

Првиот беше во 2021 година како дел од подготовките за нашиот историски настап на Европското првенство. Во тој пријателски меч го победивме Казахстан со 4-0, а головите ги дадоа Алиоски, Тричковски, Милан Ристовски и Чурлинов.

Вториот меѓусебен дуел беше во јуни оваа година кога во рамките од овој квалификациски циклус го победивме Казахстан на негов терен со 1-0. Единствениот погодок го постигна Александар Трајковски.

И покрај тоа што загубија Казахстанците се покажаа во солидно светло, дури трипати ја погодуваа рамката од нашиот гол, а Димитриевски имаше и неколку одлични интервенции.

Досега со нив сме одиграле два меча, имаме две победи и немаме примен гол, таквата низа нека продолжи и по вечерашниот натпревар.

Покрај нашиот натпревар, вечерва важен ќе ни биде и резултатот од мечот меѓу Велс и Белгија. Во прилог ни оди само победа на Велшаните, за потоа во директен дуел со нив да одлучуваме за првото место во групата. Поинаков исход на денешниот меч во Кардиф ќе ја промовира Белгија во речиси сигурен патник на Мундијалот.

Сепак нашиот главен фокус е мечот со Казахстан, Македонија треба да си ја заврши својата задача, па потоа ќе ги правиме калкулациите што ни е потребно за понатаму.

Еуфоријата во нашата држава расте се повеќе со секој позитивен резултат на фудбалерите, денеска се очекува голем број на навивачи да бидат присутни на Арената и да им дадат поддршка на фудбалерите во новата битка.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ