Настанот не беше само збогување со татамите, туку и официјализирање на неговиот трансфер во спортската администрација. Јакупи, кој зад себе остава импресивно наследство како четирикратен европски шампион, медитерански првак и освојувач на над 120 меѓународни победи, продолжува со својот ангажман преку значајна и одговорна улога во структурите на Македонскиот олимписки комитет.
На присутните и на лауреатот им се обрати Претседателот на Олимпискиот комитет на Северна Македонија, Даниел Димевски. Тој ја истакна големината на Јакупи како комплетна личност – врвен спортист, но и иден лидер во спортскиот менаџмент. Како знак на благодарност за долгогодишната поддршка на неговата кариера, Берат Јакупи му врачи Благодарница на Претседателот Димевски.
Свеченоста доби и регионална димензија со присуството на високи гости, меѓу кои се издвојуваа Претседателот на Олимпискиот комитет на Косово, Исмет Красниќи, како и поранешниот светски првак и вистинска легенда на каратето, Енвер Идризи, кои со своето присуство ги потврдија одличните односи и почитта кон кариерата на македонскиот шампион.
Олимпискиот комитет му посакува на Берат Јакупи истата решителност и успех во неговата нова мисија, уверен дека неговиот победнички дух ќе придонесе за развојот на олимпизмот во земјата.







