Селекторот на македонската фудбалска репрезентација, Благоја Милевски ја имаше првата прес-конференција пред квалификациските натпревари против Белгија и Казахстан.
Пред Македонија се два меча од квалификациите за Светското првенство. Ја пречекуваме Белгија на 6 јуни во Скопје, а три дена подоцна му гостуваме на Казахстан во Астана.
„Што се однесува до списокот, голем дел е ист од минатиот собир. Имаме еден дебитант, Стефан Деспотовски. За жал не можеме да сметаме на Никола Серафимов, Дарко Велковски и Лирим Ќамили поради повреди. Исто така под знак прашалник се Аими, Бојан Миовски и Бојан Димовски за кои се надевам дека ќе дадат се од себе и дека лекарскиот тим ќе ги оспособи да се стават во функција на тимот“, вели Милевски.
„Македонија како и секогаш кога имала проблеми, секогаш се издигнувала и била на висината на она што се бара од неа, па сигурен сум дека така ќе биде и овојпат. Белгија ни е првиот натпревар, целиот фокус е насочен кон тоа да бидеме на потребното ниво за да парираме на една според мене топ пет репрезентации во моментов во Европа и во светот воопшто. Со индивидуален квалитет на највисоко можно ниво, но исто така и како тимски. Не очекува сериозен противник и сериозна задача, но ние сме тука да го дадеме нашиот максимум, па ќе видиме што ќе ни донесе самиот натпревар“.
„Навикнати сме да има промена на селекторската функција кај нашите противници, досега едно пет-шест такви случаи имавме откако сум јас селектор. Руди Гарсија ја водеше Белгија на последните два меча со Украина во баражот. Сите информации ни се од тие два меча, но играчите се тие, индивидуалниот квалитет и потенцијал на сите им е познат, играат во најдобрите европски лиги и клубови. Имаме доволно информации да се спремиме адекватно“.
Селекторот вели дека имаме план, но нејасно е уште кои фудбалери ќе бидат подготвени за да го стартуваат мечот.
„Имаме план, имаме стратегија, но кој ќе ја исполни таа стратегија и тој план е под знак прашалник. Ќе видиме до официјалниот тренинг на кого ќе можеме да сметаме и кој ќе може да настапи на мечот со Белгија“.
„Нашиот фокус секогаш е на мечот кој ни следи. Анализиран е и Казахстан, но фокусот е на Белгија, а за Казахстан ќе размислуваме по овој меч“.
„И пред почетокот на овие квалификации е малку неблагодарно Македонија да се надева да биде на првото место во оваа група. Но успешниот старт во овие квалификации и мечот со Белгија ќе ни го дадат правецот како би поминале овие квалификации. Но, Македонија е тука да даде се од себе и да остане конкурентна до самиот крај. Но, еден меч не значи ништо“.
Актуелниот селектор на Белгија, Руди Гарсија најдобро му е познат на Елиф Елмас кој му беше тренер во Наполи.
„Елмас работеше со Руди Гарсија во Наполи. Разговарав со него за Гарсија, собрав информации, но да не заборавиме дека составите на тој Наполи и на Белгија се сосема различни, со различни фудбалери“.
Список на повикани фудбалери: