Во пресрет на дербито на Манчестер кое е на програмата во недела, Шон Рајт Филипс беше гостин во шоуто на Вејн Руни на БиБиСи Спорт.
Една од темите беше фамозното дерби кое „граѓаните“ го добија со 6-1, Марио Балотели постигна два погодока и при прославата го подигна дресот за да покаже маичка на која пишува „Зошто секогаш јас“.
Па Шон Рајт Филипс беше запрашан да објасни повеќе за тоа каков карактер бил Италијанецот.
„Тој беше 12 годишно дете во тело на возрасен. Работите кои ги правеше, тоа се работи кои ги очекувате од дете кое има 12-13 години“ – вели Рајт Филипс.
„Како она кога палеше огномет во тоалетот. Зошто некој би го правел тоа кога има двор? Зошто да палите огномет во тоалетот кога имате огромен двор?“
Тој потоа додаде: „По победа дербито, Балотели ми пријде на еден тренинг и ми рече, „Шон, никогаш нема да погодиш што ми се случи вчера“. И почна да објаснува, „По натпреварот, решив да се возам низ Олдерли Еџ (позната населба во Манчестер) со спуштен покрив и да пеам песни на Манчестер Сити бидејќи го победивме Јунајтед““.
„И потоа кажа дека го сопрела полиција, имал многу пари со него, па го прашале од каде му е толку кеш, а тој им рекол, „Ограбив банка!“.
„Јас бев збунет, му реков, „Со кој памет си го кажал тоа?“ Ете, таков лик беше Марио Балотели“.






