На оваа средба португалските ракометари станаа „анти-херои“, бидејќи во два наврати привлекоа негативно внимание. Прво во финишот на првото полувреме во еден напад веројатно по грешка нападнаа со осум ракометари. Судиите не го забележаа тоа, па делегатот ги повика и по проверка на видео снимката ги казнија со исклучување.
Во завршницата на натпреварот се случи и уште една интересна ситуација. На тајм-аут на 37 секунди пред крајот Мигел Невеш зеде таблет и преку норвешка телевизија се обиде да ги „шпионира“ противничките совети.
По натпреварот тој го призна потегот и не криеше ништо.
„ Знам норвешки бидејќи три години играв таму. Сакав да добијам тактичка предност, да дознаам каква акција ќе подготват. Сакав подобро да ја организираме нашата одбрана“, изјави Невеш.
Овој потег веднаш беше означен како неспортски. Норвежаните не го реализираа последниот напад, а Невеш иако не ги прекрши официјалните правила наиде на осуда.






