Победа беше жестоко казнета од УЕФА за местење натпревар и исфрлена од Европа на дури 8 години, но сега Европската куќа на фудбалот изрече подраконска казна – настрада Арсенал Тиват.
Клубот од Црна Гора доби 10 години суспензија за местенка против Алашкерт во Конференциска лига.
Спорен е натпреварот одигран во квалификациите во јули 2023, Алашкерт славеше на гостувањето кај Арсенал Тиват со 1-6.
Кога се пишуваше за местенката, се шпекулираше дека после половина час игра во првото полувреме, кога резултатот бил 0-0, биле уплатени околу 250.000 евра на тоа дека ќе има два или повеќе голови во првото полувреме, коефициентот за ова бил преку 30.
Алашкерт поведе со 0-1 во 40. минута, а во првата минута од судиското надополнување падна и нов гол за 0-2.
Сомнителни облози имало и во продолжението од натпреварот, на типови 5+ и 7+ – конечните 1-6 беа поставени со два гола во судиското надополнување на вториот дел (92. и 94. минута).
Драконски казни добија и дел од играчите, најлошо помина Никола Челибиќ, кој доби доживотна забрана за инволвираност во фудбалот.
Капитенот Четко Манојловиќ, како и фудбалерите Радуле Живковиќ и Душан Пулетиќ добија по 10 години забрана за инволвираност во фудбалот.






