Овој нов спортски и корпоративен настан е наменет за вработени од различни компании, кои во мешани машко-женски тимови ќе се натпреваруваат на патека долга 5 километри, на кејот покрај Вардар во Карпош.
Настанот има за цел да ја поттикне физичката активност и тимската енергија меѓу вработените, при што учеството е отворено за сите компании, без разлика на големината или дејноста. Секој учесник добива торбичка, маичка, медал за финиширање, оброк, пијалоци и освежување за време на трката.
„Под мотото Трчаме како еден – победуваме заедно трката Croatia Osiguruvanje Business Run 5K 2025 има за цел да ја истакне позитивната страна на корпоративниот живот – соработката, здравјето, мотивацијата и поддршката. Тимовите ќе бидат во мешан родов состав за да ја одразат реалната слика од работното место, а трката ќе биде место каде што колегите дополнително ќе се запознаат, натпреваруваат и дружат надвор од канцеларијата“, велат организаторите.
Croatia Osiguruvanje Business Run 5K 2025 е дел од Adria Corporate Run League – регионална лига на бизнис трки од Македонија, Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина и Хрватска.
Победникот од Скопје ќе ја претставува Македонија на големото регионално финале, каде најдобрите корпоративни тимови од регионот ќе се соочат во завршниот натпревар за најбрза компанија во Јадранскиот регион.
Како да се пријавите
Официјалните пријави започнуваат денеска, а се вршат преку веб-страницата www.prvdovrv.mk. Крајниот рок за пријавување е 2 јуни или порано доколку порано се пополни предвидениот максимален број на учесници.
Тимовите треба да бидат составени од вработени во компании, организации, институции, здруженија, дипломатски претставништва и слични субјекти кои припаѓаат на деловно-општествената заедница.
Една компанија може да има еден или повеќе тимови, а секој тим може да брои од најмалку три членови, до неограничен број на натпреварувачи, притоа барем едно лице да биде од спротивен пол.
Рангирањето се врши според збирното време на најбрзите тројца членови на секој тим, од кои барем едно мора да биде машко или женско лице.
Настанот го организира Здружението за спорт и рекреација „Прв до врв“ од Скопје, со поддршка на Кроација исигурување и Аџибадем Систина.