недела, 14 декември 2025

Почнува новата сезона во Првата македонска фудбалска лига

Денеска топката повторно почнува да се тркала по македонските фудбалски терени, стартува новата сезона во ПМФЛ, а колото почнува со две дерби пресметки.

Објавено на

часот

Сподели

Честа да го отвори првенството ја има шампионот Шкендија кој на стадионот во Тетово од 17 часот ќе го пречека Шкупи.

Три часа подоцна на Градски во Скопје ќе започне вечното дерби меѓу Вардар и Пелистер.

Утре на програмата се два натпревари во терминот од 17:30 часот, во Куманово пресметка меѓу двата нови прволигаши Башкими и Арсими, а Струга ќе ја пречека екипата на Македонија Ѓорче Петров.

Во недела од 17:30 часот фудбал ќе има во Кавадарци, Тиквеш е домаќин на Работнички, а првото коло ќе биде комплетирано во понеделник кога исто така од 17:30 часот Силекс ќе ја пречека екипата на Брера.

Голема новина оваа сезона во македонската лига ќе биде ВАР технологијата, конечно и ние почнуваме да го пратиме современиот тек на нештата кој веќе одамна е присутен во другите лиги.

Шкендија ќе ја има улогата на бранител на трофејот, тетовскиот тим ќе мора да се навикне и на фактот што во есенскиот дел од сезоната ќе се бори на два фронта, дома и во Европа.

Густиот распоред на Шкендија ќе се обиде да го искористи Вардар кој има амбиција да се врати на тронот по подолго време.

Интересна ќе биде и борбата за опстанок, поради кратењето на лигата од идната сезона, во оваа директно испаѓаат дури три екипи, а две играат бараж. Тоа гарантира максимална ангажираност на сите екипи до самиот крај од сезоната, некои ќе водат битка за излез во Европа, други ќе се борат да го зачуваат прволигашкиот статус.

Новина е и тоа што сите натпревари од Првата македонска фудбалска лига оваа сезона ќе бидат пренесувани на телевизија, правата ги имаат МТВ и Арена.

1. коло

петок
Шкендија – Шкупи 17:00
Вардар – Пелистер 20:00
сабота
Башкими – Арсими 17:30
Струга – Македонија ЃП 17:30
недела
Тиквеш – Работнички 17:30
понеделник
Силекс – Брера 17:30

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ