Во следната сезона ќе биде предводник на турскиот прволигаш Истанбул ББ, чекор со кој Ристоски се враќа на европско тло, по пауза од десет години, откако претходно работеше како тренер во Швајцарија.
Ристоски беше гостин на челниците на клубот на финалето од турскиот куп, каде стави потпис и на едногодишниот договор.
„Да се води екипа во едно од трите најсилни првенства во Европа е голем предизвик, особено поради фактот дека во Турското првенство во последните три години настапуваат најголемите светски ѕвезди. Турската одбојка, како машката, така и женската, полека го превзема приматот на една од најсилните, додека Турската федерација е една од најмоќните и најорганизираните. Истанбул ББ е клуб со голема традиција, каде акцентот е ставен на работа со млади одбојкари. Тоа е расадник на одбојкари кои потоа играат во националниот тим, односно во најсилните клубови во Турција. Тие водат грижа за иднината на турската одбојка. Тоа е клуб со јасно поставена визија, каде приоритет е правилен развој на младите одбојкари. Костурот на екипата за следната сезона веќе го имам, во моментов работиме на наоѓање на соодветни засилувања со кои ќе се комплетира составот. Веќе споменав ќе претставува голем предизвик да се работи во една таква средина и професионално да се напредува“, истакна Жарко Ристоски.
Ристоски е еден од ретките македонски тренери кои може да се пофали со ФИВБ Левел 3 лиценца и кој гради сериозно меѓународно портфолио.







