Федерацијата ја задржува традицијата најдобрите четири екипи во куп-натпреварувањето кај мажите и кај дамите низ тридневна програма да ја направат распределбата на првите трофеи во сезоната.
Завршницата од Купот во машка конкуренција ги има истите учесници како и минатата сезона, бранителот на пехарот Штип УГД, ланскиот финалист Струмица 47&амп;72, како и ГОК Борец и Работнички 71&амп;22. Кај девојките, пак, Наковски Волеј ќе ја брани титулата пред предизвикувачите Младост УГД, Вардар ЕМ и Газели Волеј – трите екипи испишаа клупска историја и за првпат ќе играат на еден Ф4 турнир во Купот.
Во договор со медиумскиот партнер, Македонската радиотелевизија, која ќе врши директен пренос на сите натпревари, дефинирано е дека на 26 март ќе се играат полуфиналните натпревари во женска конкуренција со термини од 17:30 часот, односно 19:30 часот. Во истите сатници ден подоцна на програмата се полуфиналните дуели кај мажите, додека на 28 март ќе се играат финалињата. Женското финале ќе стартува во 17:30 часот, додека машкото финале ќе се игра од 19:30 часот.
Ждрепката за полуфиналните парови во двете конкуренции предвидено е да се одржи следната седмица со присуство на претставици на екипите учеснички, а датумот, времето и местото на одржување на ждрепката дополнително ќе бидат потврдени од Комесарот за натпреварување.






