вторник, 1 април 2025

Парите кои требаше да ги добијат за куп завршницата, одбојкарските судии ќе ги донираат за Кочани

Судиската организација на Одбојкарската федерација на Македонија донесе одлука сите средства од судиските и делегатските такси од Финалниот турнир на Купот Македонија кој се игра од 3 до 5 април во салата „25 Мај во Радовиш“ да бидат донирани за поддршка на семејствата погодени од разорниот пожар во Кочани.

Објавено на

часот

Сподели

Претседателството на Судиската организација ваквата одлука ја донесе на својата редовна седница, а исклучок од оваа донација ќе бидат средствата наменети за линиските судии, записничарите и покривање на патните трошоци.

„Со оваа одлука, како судиска организација, сакаме да изразиме длабока емпатија и искрена поддршка кон сите кои беа погодени од оваа несреќа. Секој гест на солидарност, секоја донација, е само мал обид да се ублажи болката на оние кои претрпеа ненадоместливи загуби. Веруваме дека во моменти на тага и неизмерна болка, човечката блискост, хуманоста и сочувството се најголемите дарови што можеме да ги споделиме, а особено во моменти кога е најпотребно. Нека оваа донација биде симбол на нашата поддршка, нашето разбирање и нашата искрена желба да помогнеме. Во името на нашата судиска организација, изразуваме длабоко сочувство до семејствата на настраданите и искрено жалење за трагичните загуби.

Истовремено, упатуваме искрени желби за брзо закрепнување на сите повредени, кои во овие тешки мигови се борат за своето здравје, како во нашата земја, така и во странство“, стои во соопштението од Судиската организација на ОФМ.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ