понеделник, 9 март 2026
Откако го напуштија тимот

Пет ирански фудбалерки побараа азил во Австралија и се под полициска заштита (ВИДЕО)

Поради страв за својата безбедност, пет членки на иранската женска фудбалска репрезентација побарале азил во Австралија, откако го напуштиле тимот за време на Азискиот куп за жени, а во моментов се наоѓаат под заштита на полицијата, рекол извор за Си-ен-ен спортс.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Фудбалерките се во центарот на сѐ погласни повици да се спречи нивното враќање во Иран поради страв дека би можеле да бидат прогонувани во својата земја, која во моментот е во војна со САД и Израел и е под водство на новиот тврдокорен врховен водач Моџтаба Хамнеи.

Иранската репрезентација минатата недела молчеше за време на националната химна пред првиот натпревар од групната фаза — потег за кој многумина стравуваат дека би можел да биде казнет од иранските власти.

Според спортската новинарка Раха Пурбахш, најмалку седум фудбалерки го напуштиле хотелот на тимот, а пет од нив веќе поднеле барање за азил до Австралиската федерална полиција.

Пурбахш, која работи за телевизијата Иран интернешнел, рекла за Си-ен-ен дека семејствата на три од фудбалерките што се под полициска заштита добиле закани. Таа додаде дека локацијата на уште две фудбалерки, кои исто така го напуштиле хотелот, засега не е позната.

Пурбахш рекла и дека претседателот на Иранската фудбалска федерација Мехди Таџ не добил виза кога се обидел да отпатува во Австралија за да го врати тимот дома, па наместо него во Австралија отпатувала потпретседателката Фаридех Шојаеи.

Американскиот претседател Доналд Трамп во понеделникот на својата социјална мрежа Трут сошл напиша дека би било „ужасна хуманитарна грешка“ ако Австралија дозволи фудбалерките да се вратат во Иран. Тој додаде дека САД ќе им одобрат азил доколку Австралија не го направи тоа. Инаку, Трамп минатата година воведе забрани за влез за Иранците.

Трамп подоцна објави и дека разговарал со австралискиот премиер Ентони Албаниз и дека пет фудбалерки „веќе се згрижени“, додека „останатите се на пат“.

Како почна сè

Пред првиот натпревар на турнирот минатиот понеделник, иранските фудбалерки стоеја молчешкум за време на националната химна — гест што не го објаснија, но кој дел од тврдокорните кругови во Иран го протолкуваа како знак на предавство.

Извори на Си-ен-ен рекле дека пред вториот натпревар во четвртокот фудбалерките биле принудени да ја пеат химната, а во неделата, пред поразот од 2:0 од Филипини, повторно ја испеаја химната и го изведоа воениот поздрав.

По поразот на последниот натпревар на турнирот во неделата, нивните поддржувачи се собрале околу тимскиот автобус и им викале на полицајците „спасете ги нашите девојки“ додека автобусот заминувал.

Хади Карими, активист за човекови права и член на локалната иранска заедница, рекол дека поддржувачите пред автобусот јасно виделе најмалку три фудбалерки внатре како со рацете го прават меѓународниот знак за помош.

Сепак, извор близок до тимот изразил сомнеж за Си-ен-ен дека фудбалерките воопшто знаат што значи тој знак.

Во понеделникот Карими додаде дека постои надеж и други фудбалерки да им се придружат на петте соиграчки што веќе се наоѓаат под заштита на полицијата, оценувајќи дека е „неверојатна веста“ што некои од нив излегле од тимот.

Глобално внимание

Светската фудбалска организација ФИФА денеска рекла за Си-ен-ен дека е во постојан контакт со релевантните страни, вклучително и со Азиската фудбалска конфедерација (АФК), која го организираше турнирот на кој Иран настапуваше минатата недела.

„Безбедноста и сигурноста на женската фудбалска репрезентација на Иран е приоритет за ФИФА и затоа остануваме во тесен контакт со АФК и со релевантните австралиски власти, вклучително и со Фудбал Австралија, во врска со ситуацијата со тимот“, изјави портпаролот на ФИФА.

Пркос, па молк

Иранската женска репрезентација настапуваше на Азискиот куп за жени во Австралија во недела исполнета со турбуленции за нивната земја, додека конфликтот со САД и Израел се проширува и кон соседните држави.

Војната го наруши меѓународниот воздушен сообраќај. Летањето кон Блискиот Исток во моментов е тешко поради затворањето на воздушниот простор и ризикот од воздушни напади, но поддржувачите стравуваат дека фудбалерките би можеле прво да бидат однесени во трета земја — можеби Кина, Русија или Малезија — пред да продолжат кон Блискиот Исток.

Крег Фостер, поранешен австралиски репрезентативец и активист за човекови права, рекол дека „широк спектар организации“ се обиделе да стапат во контакт со фудбалерките додека се во Австралија, но биле одбиени.

„Ниту една група спортисти никогаш не треба фактички да биде држена како заложник од сопствената федерација и да ѝ се одбива пристап до надворешните мрежи за поддршка“, вели тој. Бидејќи репрезентацијата веќе е елиминирана од турнирот, според него, АФК има одговорност за благосостојбата на играчките.

„Првото нешто што австралиската фудбалска заедница го бара е да им се овозможи пристап до безбедни и културолошки соодветни мрежи за поддршка, за тие приватно и доверливо да можат да кажат дали се чувствуваат небезбедно и што би сакале да се случи“, додаде тој.

Си-ен-ен побарал коментар од АФК и од Иранската фудбалска федерација.

Бо Буш, претседател на ФИФПРО Азија/Океанија — организација што ги претставува фудбалерите во регионот — изјави за австралиската телевизија Еј-би-си дека не успеале да стапат во контакт со членките на иранската репрезентација.

Иако тоа е „исклучително загрижувачко“, рекол тој, организацијата очекувала проблеми по репресијата на иранските власти врз демонстрантите претходно оваа година.

„Нашата одговорност сега е да направиме сè што е во наша моќ за да се осигуриме дека тие се безбедни“, рече Буш.

Австралиската министерка за надворешни работи Пени Вонг во неделата одби да коментира кога беше прашана дали австралиските власти имале контакт со иранските фудбалерки.

„Не сакам да навлегувам во коментари за иранската женска репрезентација“, изјави таа за националниот радиодифузер Еј-би-си.

„Солидарни сме со мажите и жените во Иран, а особено со иранските жени и девојки. Очигледно станува збор за режим за кој знаеме дека брутално се пресметува со сопствениот народ“, додаде Вонг.

На прес-конференција по натпреварот во неделата, селекторката на Иран Марзије Џафари изјави дека тимот сака да се врати дома.

„Лично, би сакала што е можно поскоро да се вратам во мојата земја и да бидам со моите сонародници и со моето семејство“, рече таа.

Карими, кој е и потпретседател на Иранското друштво во Квинсленд, изјави дека поддржувачите се собрале пред хотелот каде што бил сместен тимот и, откако не успеале да стапат во контакт со фудбалерките поради строгото обезбедување, побарале помош од локалната австралиска полиција.

Тие повторно биле таму во понеделникот, набљудувајќи дали автобусот со фудбалерките ќе тргне кон аеродромот.

„Сакаме да ги одвоите од ИРГЦ“, рече тој, мислејќи на Корпусот на Револуционерната гарда на Иран.

„Одвојте ги од претставниците на исламскиот режим и разговарајте со нив“, додал Карими.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ