По големото реми со фаворитот кој лани беше полуфиналист на Мундијалот, задоволството не го криеше еден од најискусните. Жарко Пешевски го анализира одиграното и нагласи дека Македонија е на одличен пат да направи поголем успех.
„Со Романија откако сум во репрезентацијата сме играле четири или шест пати, пријателски или бараж натпревари. Се работи за колектив кој во минатото имаше одлични резултати, па имаше мала стагнација, ама сега тропа на големата врата на европскиот и светскиот ракомет. Имаат колектив играчи кои играат и во Лигата на шампионите, во Европската лига. Против Данска и Португалија покажаа дека можат да трчаат, ама како секоја репрезентација кога игра против посилен ривал правеа многу технички грешки. Мислам дека тука ќе се решава, кој помалку ќе греши и кој ќе биде поразумен во нападот ќе го добие натпреварот. Романија има гранитна и корпулентна одбрана. Во минатиот период не ја занемаривме и се подготвивме за тоа, знаеме за каков тип на играчи се работи. Мислам дека ќе бидеме подготвени за утрешниот предизвик.
Во изминатите средби покажавме дека Македонија е нова репрезентација која негува нов стил на ракомет. Трчаме квалитетно, без технички грешки, знаеме кого напаѓаме и мислам дека тоа ќе ни биде додаток плус во играта со кој ќе им правиме проблем на ривалите, особено на Романците. Мислам дека може да биде важен сегмент кој ќе биде одлучувачки. Нема огромна разлика кај Романија од подготовките до сега, освен што играа со поквалитетни противници. Ќе решаваат детали, кој ќе биде посмирен мислам дека ќе го добие натпреварот. Покажавме дека играме разумно, без разлика на „црната дупка“ кога ривалите нè казнуваат. Се враќаме, добро изгледаме со млади и добри лица, но и искусни играчи со добра стратегија. Мислам дека сме на добар пат за нешто поголемо“, изјави Пешевски.
Последниот меч од првата фаза Македонија го игра во вторник против Романија во 18:00 часот.






