среда, 25 февруари 2026

Пелистер со реми се враќа од Данска, а блиску беше и победата

Актуелниот македонски шампион, тимот на Пелистер одигра 28-28 на гостувањето кај ГОГ Гудме во меч од 12. коло од Лигата на шампионите.

Објавено на

часот

Сподели

Данскиот тим многу подобро го отвори мечот и во текот на првиот дел успеа да дојде и до водство од пет гола разлика, во еден момент резултатот беше 13-8 за ГОГ. Пелистер на полувремето имаше четири негатива, беше 15-11 за домаќинот.

Во второто полувреме Пелистер заигра многу подобро, ја стопи предноста на противникот и направи комплетен пресврт, битолчани поведоа со 25-24 на шест минути до крајот.

Но, зелените не успеаа да го одржат нивото, пак паднаа во финишот, ГОГ ја врати предноста, сепак Пелистер со гол на Видомски на неколку секунди до крајот дојде до реми од 28-28.

Видомски беше и најефикасен кај Пелистер со седум голови, Граховац и Кузмановски постигнаа по шест. Кај ГОГ најдобар беше Оли Мутин со седум голови.

Следниот натпревар за Пелистер е на 4 март кога во Битола доаѓа тимот на ПСЖ.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ