На крајот од минатата година, и на почетокот од оваа, во светот на спортот се разви голема дебата откако Јаник Синер падна на допинг тест.
Наместо строга казна, италијанскиот тенисер доби само три месеци суспензија, откако беше прифатено објаснувањето дека тој ненамерно бил контаминиран од својот физиотерапевт.
Имено, физиотерапевтот имал исекотина на прстот, користел крема која содржела клостебол, па при една лекарска интервенција и масажа без да користи ракавици, му ја пренел недозволената супстанца на Јаник Синер.
Многумина не веруваа во ваквото објаснување и сметаат дека ВАДА му прогледала низ прсти на Италијанецот.
Но случајот на триатлонката Имоген Симондс е уште поневеројатен, таа по речиси една година битка успеа да докаже дека била позитивна поради секс со партнерот.
Спортиската од Швајцарија падна на допинг тест направен на 8 декември минатата година, во нејзиниот примерок бил најден лигандрол.
Таа веднаш почнала сопствена истрага и утврдила дека била позитивна поради секс со својот партнер, кој користел суплименти со забранети супстанци без нејзино знаење.
Количината на лигнадрол во примерокот била многу ниска, исто така, тестовите направени пред и по 8. декември биле негативни, па објаснувањето било едноставно – супстанцата влегла во нејзиниот систем при интимен контакт преку биолошки течности како плунка или други телесни течности.
Интернационалната агенција за тестирање внимателно и ги разгледа сите понудени докази и оваа недела донесе ослободителна пресуда, односно дека нема вина или небрежност од страна на Имоген Симондс и таа може да продолжи да се натпреварува.
ФОТО: Instagram/imosimmonds






