Натпреварот од третото коло на доигрувањето требаше да биде ракометен празник и големо дерби, ама гостинската екипа во Скопје допатува со втор тим. Само неколку од првотимците без голема стандардна минутажа беа во ростерот кој беше наполнет со младинци, а ниту на клупата на беше тренерот Борис Ројевиќ, туку Наум Бабачев.
Причината беше јасна, Охрид чуваше сили и целосно беше насочен кон саботниот дуел од ЕХФ Купот. „Гладијаторите“ ги чека реванш во четвртфиналето против Олимпијакос, откако во Атина победија со пет гола разлика.
Што се однесува до денешната средба, младиот тим на Охрид тргна одлично во Скопје и дури водеше против фаворитот со 5-7. Сепак, тогаш Вардар се консолидира и со серија од 5-0 го презеде водството кое до крајот на мечот само го надоградуваше. Во завршните минути вардарци стигнаа и до десет разлика со кои заврши натпреварот.
Најефикасни во двата табори беа Урош Митровиќ и Дејан Кукуловски со по шест гола. Интересно е дека кај Вардар гол дадоа сите ракометари кои беа во протоколот, со исклучок на двајцата голмани.






